
Синдикалната минимална кошничка за еден месец се зголемила за 979 денари и во април изнесува 68 797 денари – објави денеска Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ).
За првите четири месеци од годината, пак, вредноста на синдикалната минимална кошничка се зголемила за 3 305 денари.
Според пресметките на ССМ, на едно четиричлено семејство во април 2026 година му се потребни 26 085 денари за храна и пијалаци, за образование му се потребни 7 192 денари, за станарина, вода, електрична енергија и греење треба да издвои 6 338 денари, а за облека и обувки 6129 денари. За рекреација и култура се одвоени 5 592 денари, за транспорт 4 961 денари, за ресторани и хотели 4 131 денари, за лична и одржување на хигиена во домот 2 667 денари, за комуникации 3 417 денари и за здравје 1 185 денари.